25 септември, 2021

herald-logo

Осмели се да знаеш

Србија има свои причини за испраќање амбасадор во Сирија

Белград се разидува со надворешната политика на ЕУ со тоа што е една од првите европски земји кои  ги надградија своите односи со Дамаск на амбасадорско ниво.

Сирискиот претседател Башар ал-Асад на 17ти јули положи заклетва за неговиот четврти седумгодишен претседателски мандат откако освои повеќе од 95,1% од гласовите на демократски сомнителните избори одржани на 26ти мај. Соединетите држави и Европската унија, очекувано не го признаваат исходот од избори. Сепак, има и такви во Европа кои мислат поинаку. Меѓу нив е и Србија, земја-кандидат за членство во ЕУ, која има намера да испрати амбасадор во Дамаск, иако името на новиот амбасадор не е објавено.

 

Српскиот дипломатски потег предизвика реакција од ЕУ. Портпаролот на Питер Стано изјави: „Позицијата на ЕУ во врска со нормализацијата на односите со режимот во Сирија е јасна и непроменета, а неодамнешните избори организирани од сирискиот режим не можат да доведат до нормализирање на меѓународните односи“.

 

Во неговата изјава исто така се вели: „Треба да се земе предвид дека српската влада постојано потврдува дека европската интеграција е стратешки приоритет за земјата“.

 

Логично прашање е, зошто Србија испраќа амбасадор во Сирија? Одговорот на прашањето не е толку поврзан со односите меѓу Белград и Дамаск, туку треба да се бара поширокиот контекст на српската надворешна политика.

 

Навистина, каква дипломатска корист може да извлече Србија? Договори за нејзината индустрија за оружје? Ова е опасно со оглед на ризиците поврзани со режимот на Асад и полемиките предизвикани од присуството на балканско оружје на сирискиот конфликт. Остануваат старите врски од југословенската неврзаност. Во 1967 година, во знак на солидарност со Египет и Сирија во врска со Шестдневната војна, Титова Југославија ги прекина односите со Израел. Во 2012 година, со почетокот на сириската војна, Србија мораше да ги евакуира своите граѓани во Сирија; тие беа претежно жени кои се венчале со сириски државјани во времето на поранешната држвата. Југословенските државни компании имаат историја на работа на проекти во Сирија. Сепак, Југославија и повеќето нејзини големи државни фирми денес ги нема, и сомнително е колку Србија, земја во развој, може да помогне во реконструкцијата на Сирија.

 

Фактот дека Сирија не ја признава независноста на Косово, значајно допринесува кон фактот што Србија никогаш не ги прекина дипломатските односи со Сирија. Навистина, според српското Министерство за надворешни работи: „До назначувањето на нашиот нов амбасадор во таа земја, тие се одвиваа на ниво на привремено задолжување за работа, што беше условено од безбедносната состојба во таа земја во тоа време“. За време на војната, српската амбасада во Сирија работеше од Либан.

 

Сепак, во игра е и‘ поширока геополитичка логика. Самата Европа останува поделена по сириското прашање. Има членки на ЕУ кои ги обновуваат врските со Дамаск. Чешка беше единствената членка на ЕУ со амбасада во Дамаск од 2012 година; австриската амбасада работи од Либан, додека Бугарија, Грција, Кипар и Унгарија повторно ги отвораат своите амбасади. Во споредба со Србија, овие земји испраќаат пониско ниво на дипломатски претставници кои  му ги предава дипломатските акредитации на министерот за надворешни работи на земјата домаќин, за разлика од амбасадорот кој му ги предава своите акредитации на шефот на државата. Од гледна точка на ЕУ, со испраќање амбасадор кој ќе му ги предаде акредитивните писма на Асад, Србија го легитимира неговиот режим. Па, по што следува српскиот потег?

 

Од 2008 година, српската надворешна политика е обликувана од глобалната финансиска криза и едностраното прогласување на независноста на Косово. Финансиската криза во 2008 година и последователната криза во Европа ја попречуваа можноста на ЕУ да се прошири на Балканот, а српското спротивставување на независноста на Косово ја принуди српската дипломатија да прави разлика помеѓу владите кои го признаваат независно Косово и оние кои не го признаваат. Под тие околности, на Србија и станува се‘ потешко да се усогласи со политиката на ЕУ, особено кога во логиката ќе се вклучи нејзиниот главен поддржувач по прашањето за Косово – Русија. Во случајот на Сирија, Србија се усогласи со оние декларации на ЕУ кои не ги попречуваат интересите на Русија во Сирија.

 

Сепак, Србија се обиде да биде претпазлива. Во 2017 година, Србија се откажа од испраќање на воен тим за деминирање заедно со нивните руски колеги во Сирија, како поради недоволните капацитети, така и за зачувување на неутралноста на сирискиот конфликт и тензиите Запад-Русија. Сепак, сега ситуацијата е поинаква. По привремената криза во врските со Русија и неуспешниот облог на Белград за реизбор на американскиот претседател Доналд Трамп, Белград треба делумно повторно да се сврти кон Москва за да добие дипломатска заштита при разрешување на косовскиот спор. Со тоа, Србија шири гестови на добра волја кон Москва прифаќајќи го единствениот руски блискоисточен сојузник – Сирија.

 

Постои и факторот на Иран – друг важен поддржувач на Асад. Во април 2021 година, српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ го посети Иран за да се осигура дека Техеран останува на ставот дека независноста на Косово е нелегитимна. Покрај тоа, откако во 2020 година Србија го означи иранскиот играч во Либан – Хезболах – за терористичка организација, Белград мораше некако да ја надомести штетата.

Покрај тоа, безбедносното прашање го мотивира Белград да има присуство во Дамаск. Миграциската криза предизвикана од нестабилноста на Блискиот исток беше непријатно сеќавање за Србија како транзитна земја. Миграциската криза се надоврза и на српскиот страв од тероризам, бидејќи некои нејзини граѓани од регионот Санџак, населен во Бошњаци, но и од долината Прешево, населена со Албанци, се приклучуваа на Исламската држава (ИД) и другите џихадистички групи во Сирија. Враќањето на џихадисти волонтери-борци на Балканот, се‘ повеќе ги загрижува тамошните влади. Неколку српски државјани беа заробени во бегалските кампови во Сирија по падот на ИД.

 

Прегрнувањето на Асад може да биде и популарно на на домашен терен, бидејќи постои тенденција да се прават аналогии помеѓу притисоците што ги спроведува Западните земји врз режимот на Асад со српското искуство со воените интервенции на САД во 1990-тите. Во 2019 година, покојниот патријарх Иринеј од Српската православна црква се сретна со Асад во Дамаск.

 

Додека потегот на Српската амбасада е фрустрирачки за претставниците на ЕУ во Брисел, епизодата зборува само за фактот дека Србија не може да ја менува својата надворешна политика во овој момент – не со сегашниот ќор-сокак во процесот на интеграција во ЕУ или нерешениот спор за Косово.

Извор