18 октомври, 2021

herald-logo

Осмели се да знаеш

Жидас Даскаловски: Кој ќе победи на локалните избори?

Локалните избори се наближуваат. Прашањето кое ги интересира сите е кој ќе победи. Ова е прашање од областа на политички маркетинг и избори за кое имам експертиза. Како професор по политички науки и советник за изборни кампањи би сакал да дадам кус коментар за материјата и одредени процени за победниците. Во суштина прогнозата на резултатите на било кои избори се состои од внимателно читање на податоци и анализирање на трендови. Станува збор за размислувања засновани на податоци од анкети на јавно мислење, генерални и/или специфични, национални или локални, податоци за состојбата на економијата, перцепции на граѓани, и историски резултати. Употребата на анкети на јавно мислење е стандардна процедура за сите политички чинители. Во светот, често пати се случувало податоците од анкетите да се читаат погрешно или пак тие да не соодветствуваат со резултатите од изборите. Постојат многу проблематични аспекти во анкетирањето, од недостапноста на избирачите до фактот дека се помалку од нив не користат фиксни телефони, до користење на податоци на национално ниво во проектирање на резултатите во региони или кај сегменти од населението. Посебен проблем се т.н. анкети за наведување, сондажи на јавно мислење кои во јавноста прикажуваат изместени, лажни резултати со цел да се наведе електоратор во насока на одредена акција, дали да се мобилизира бидејќи наводно трката е тесна, а не е,  или да се пасивизира, бидејќи наводно победата е извесна и нема потреба сите да се впрегнат и излезат да гласаат, итн. Во Македонија е специфично што има малку анкети кои јавно се достапни. Ретка е на пример појавата медиуми да нарачуваат, објавуваат, дискутираат анкети. Понатаму, иако кај нас се објавуваат и се достапни податоците з состојбата на економијата, тие ретко се дискутираат и дебатираат освен како промотивни вести за (не)успешноста на владините политики. Граѓаните си имаат свој суд за истите заснован на сопствени искуства и состојби. Исто така во Македонија одсуствуваат или се мал број научни истражувања за перцепциите на граѓаните за специфични локални теми. Во принцип најчесто ќе слушнеме за вести од сондажи на перцепции на граѓаните за поддршка на Евро-атлантските процеси и за доверба во институциите, од црква до полиција и политичари, но скоро никогаш не се прават подетални анализи за перцепцијата на луѓето за состојбите на локални ниво, на пример во Пелагониски регион. Последниот параметар прогнозата на резултатите на било кои избори се историјатот на изборни резултати, на ниво на изборни единици, општини, и изборни места. Интернет страницата на Државната изборна комисија има јавно достапни податоци во скромен обем. Некој што би сакал да прави споредбени истражување од повеќе изборни циклуси ќе има Сизифовска работа да ги најде податоците, посебни ако станува збор за тие на микро ниво, на ниво на изборни места.

Тука конкретно ќе се задржиме на процени за резултатите на престоечките локални избори врз основа на резултатите од минатогодишните парламентарни избори. Пред да елаборираме треба да се потенцираат неколку работи. Минатата година излезноста на парламентарните избори беше пониска од вообичаеното заради епидемијата со ковид-19 во земјата. Во моментов бројот на новозаразени во земјава е околу 1.5% од прегледаните и иако се очекува продирање на Делта сојот на вирусот, од друга страна имаме постојано зголемување на вакцинираните лица, а исто така голема бројка ја имаат прележано болеста, официјално околу 155,000 лица но според споредени анализи од друго земји неофијалната бројка може да е и 4 пати ако не и повеќе пати, поголема. Поентата е дека за време на одржувањето на локалните избори состојбата со ковид-19 веројатно ќе е поблага од таа во 2020 година што сигурно ќе влијае на расположението да се излезе да се гласа. Од друга страна, вообичаено е на локални избори да е помала излезеноста од парламентарни избори, така што може да се очекуваат бројките на гласови од минатата година. Се разбира дека од 2020 до денес има помрднувања на рејтингот на партиите каде што тој на национално ниво на анкетите кои ги објавуваат опозициски  медиуми, рејтингот на СДСМ благо но сигурно опаѓа, на Левица благо расте а на ДУИ, АА-Алтернатива и ВМРО-ДПМНЕ е релативно константен. Треба да се има и на ум воведувањето на машини, односно гласање со отисок на прсти. Тука можно е да се намали злоупотребата на гласовите, гласањето во име на друг, фиктивното гласање и слично, процеси кои вообичаено им додаваат гласови на партиите на власт. Конечно, мора да земеме предвид дека постојат, или се можни одредени предизборни коалиции.  Во моментов СДСМ и Беса, најавија коалицирање односно взаемна поддршка со кандидати од ДУИ, и/или ДПА. Во иднина можеби ќе видиме и други коалиции, а можно е и да се постигнат договори за поддршка кои нема да бидат обзнаени во јавноста. Имајќи го предвид горенаведеното еден преглед на изборните резултати од минатата година на општинско ниво ни укажува состојбите се доста интересни во однос на трките за градоначалнички места. ВМРО-ДПМНЕ и партнерите веројатно ќе победат во дузина општини како на пример: Сопиште, Кавадарци, Кисела Вода, Илинден, Петровец, Македонски Брод, Вевчани, итн. Разликата помеѓу гласовите за ВМРО-ДПМНЕ и тие на СДСМ дури и кога би се додале гласовите на ДУИ и ДПА како и на сите други партии (Левица, Интегра, Глас за Македонија, Единствена Македонија, итн.) е во полза на ВМРО-ДПМНЕ што би значело дека при приближно иста излезност како и минатата година, на партијата ќе и биде доволно да мобилизира барем ист број на гласачи како во 2020 година за да победи. Таа бројка е скоро во сите општини помала од резултатот во втор круг на проф. Силјановска Давкова така што може да се претпостави дека ВМРО-ДПМНЕ има капацитет за таков резултат. Покрај дваесетте вакви сигурни општини во десетина ВМРО-ДПМНЕ има големи шанси за да победи но со привлекување и на гласови на други партии и/или на АА-Алијанса (на пример, Бутел, Неготино, Охрид или Зелениково). СДСМ со албанските гласови од ДУИ, БЕСА, ДПА, од друга страна има петнаесетина сигурни општини (Струмица, Берово, Центар, Крива Паланка, Чашка, Ресен, итн) и 7 во кои има големи шанси (Карпош, Куманово, Кочани, Валандово, итн.). ДУИ со помош на гласовите на СДСМ, БЕСА и ДПА е фаворит во однос на АА-Алијанса. Веројатно ќе победат во 12 општини  (Чаир, Тетово, Теарце, Пласница, Сарај, итн.) АА-Алијанса има само шанси да победи во Гостивар, и тоа само ако добие сериозна поддршка од гласачите на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Во Боговиње иако поединечно најсилни тие стојат послабо од коалицијата СДСМ-БЕСА-ДУИ-ДПА (СДСМ 1659, ДУИ 3066, Алијанса 4337, ДПА 903), при што ВМО-ДПМНЕ имале само 67 гласа. Слично е и во Студеничани (СДСМ 1034, ДУИ 2031, Алијанса 2480, ДПА 1558) при што ВМО-ДПМНЕ имале само 381 глас. Понатаму АА-Алијанса има послаби шанси во Врапчиште, Теарце, и Струга, но повторно ќе треба да бара поддршка од ВМРО-ДПМНЕ. Кај општините со доминантно албанско население нејасна ќе е борбата во Арачиново (СДСМ 1362, ДУИ 1348 и Алијанса 1725 гласа) Дебар (СДСМ 1847, ДУИ 2513 и Алијанса 2032 гласа, и ВМРО-ДПМНЕ 736 гласа), Струга (СДСМ 5457, ДУИ 7228  и Алијанса 6318 гласа, а ВМРО-ДПМНЕ 5413, други партии 876) во смисла на тоа дали ќе биде можен договор пред изборите за еден кандидат или ривалството на кандидатите на коалицијата СДСМ-БЕСА-ДУИ-ДПА во прв круг ќе влијае на гласачите кои тешко ќе можат да ги пренасочат гласовите кон победникот во тој дуел доколку вториот кандидат е на АА-Алтернатива. Во Желино таа битка ќе е уште во прв круг (СДСМ 2645, ДУИ 2726, Алијанса 1757, ДПА 667). Во Кичево СДСМ во 2020 имале минимално подобар резултат од ДУИ (3723-3480) и прашање кој ќе се натпреварува со кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Во Долнене овие две партии исто така имаа приближен резултат (СДСМ 2078 ДУИ 2264). Има и неколку општини каде ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со албанските партнери ќе водат жестока битка (Битола, Прилеп,  Штип, Дојран, итн.) Посебни прашања се состојбата во Скопје како би требало да се вреднува победникот на локалните избори за што можеби ќе зборуваме во детали во наредните недели.

 

Проф. Жидас Даскаловски за Хералд.мк